|
Четврток, 08 Април 2010 14:48 |
Пратеници од Косово ќе формираат парламентарна зелена лоби-група, а во тоа ќе им помагаат нивните колеги од Македонија, каде што таква група постои веќе две години. Ова било договорено на средбата што македонските парламентарци Јован Лазарев, Хајрула Мисини, Абедин Зимбери и Феми Јонузи ја имале во Приштина со претседателот на косовскиот парламент Јакуп Красниќи
Заштитата на животната средина е тема за која лесно наоѓаат заеднички јазик и позицијата и опозицијата во секоја земја, како и политичарите од различни земји - вели македонскиот пратеник Јован Лазарев. Според првиот косовски парламентарец, состојбата со околината е преокупација и на пратениците од Косово. - Имаме големи проблеми со многу загадувачи. Се трудиме колку што можеме да обезбедиме почист воздух за нашите граѓани, бидејќи тоа го заслужуваат сите. Особено се проблематични термоцентралите, па Владата треба да се заложи за подобри стандарди - рече Красниќи. Парламентарците од двете земји се согласија дека меѓусебната соработка би била особено важна за да се заштити Шар Планина. Организацијата „4х4х4 Балкански мостови“ и движењето БЕЛЛС (Балкански водечки стандарди во животната средина) се иницијаторите за создавањето на зелените лоби-групи, кои, освен во Македонија, веќе ги има и во Албанија и во Црна Гора.
|